ИВАНА ХАЏИВАНОВА: Емоциите се заразни и сега се шират низ сајбер-просторот со брзина на светлината

Последното интервју од оваа серија на разговори е со психологот и психотерапевтот Ивана Хаџиванова, основач на Центарот за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација НЕОКОРТЕКС.
Оние кои веќе работеле со неа знаат дека Хаџиванова не само што се залага за кревањето на свесноста за негувањето на душевното здравје, туку истовремено и го демонстрира тоа преку нејзиното активно, медиумски-распространето и динамичено делување во оваа сфера.
Одговорите кои со нетрпение чекавме да ни ги прати се од исклучителна важност, но и од помош во актуелнава вонредна состојба, особено од аспект на справување со стравот и селекцијата на точните информации среде хиперпродукцијата која се одвива на социјалните мрежи. Поразговаравме и за подвоеноста на идентиетот во и надвор од сајбер-просторот, како и за можните текови на нашите секојдневија под влијанието на виртуелниот свет.

1.Како би го дијагностицирала македонскиот сајбер-простор?

Во моментов, соочувајќи се со корона пандемијата, сајбер-просторот е доста застрашувачки, преплавен е со страв и паника. Од него дополнително и значајно се генерира и засилува масовната невроза. Не е неочекувано инфицирањето на сајбер просторот, со оглед на сериозноста на егзистенцијалната криза со која целиот свет се соочува, постои објективна причина за тоа. Стравот, паниката, загриженоста и лутината лебдат во речиси секој пост и статија. Стравот е вграден во нас, тој е базична емоција и е очекуван во ситуацијава, бидејќи тој како емоција има заштитна функција. Таа негова функција сега има и корисни аспекти, во смисла на себезаштита и одговорно однесување и почитување на препорачани мерки. Но, паниката не ни е потребна, таа е некорисна и сега многу опасна, бидејќи ја намалува рационалноста и способноста за добро расудување и однесување, кои сега ни се многу значајни.

Мислам дека минативе недели беше очигледно, следејќи ги социјалните мрежи, дека се соочувавме со иницијалната реакција на шок и неверување. Потоа ја започнавме фазата на измешани емоции и адаптација на новонастанатиот начин на живеење и функционирање. Почнав да го забележувам и хуморот, кој е добар одбранбен механизам и пожелно е да се користи.

Од голема важност е сега селективност во прием на информациите од претрупаниот сајбер-простор. Изворот на кој треба да се фокусираме се релевантните медицински експерти и официјалните владини центри. Критичното размислување во препознавање на лажни вести, сега мора да го употребуваме. Во овој период секој збор има голема тежина и треба со огромна внимателност да е напишан и изговорен, тоа е многу важно. Кога умот се соочува со интензивен страв, му се намалува рационалноста и станува подводлив, полесен за манипулација. Од друга страна, емоциите кои се будат и пренесуваат со пораките, се многу заразни, а тие во сајбер-просторот се шират со брзина на светлината. Тоа во вакви кризни ситуации би рекла дека е опасно. Сајбер-просторот е многу моќен, некој корисно го употребува, но, за жал, истото негово својство некој му го злоупотребува.

2.Некои луѓе имаат еден идентитет во живо, а друг на социјалните мрежи. Како влијае тоа постојано влегување-излегување од себе во некој друг?

Сигурно е едноставно за некој, а покомплексно за некој друг.

Виртуелниот идентитет повеќе би го опишала како селективен приказ на само еден дел од себе за кој најчесто, личноста смета дека е најмногу социјално прифатлив, допадлив и би бил одобрен. Тој често се користи за буст на самодовербата, а за многумина е и обид за претставување пред јавноста на најблиската слика до сопственото идеално јас. Но, кај многумина таа слика, знае да биде далеку од реалното јас. Колку е виртуелниот идентитет поблиску до реалниот, може да укаже на поголемо задоволство од себе и удобност во сопствената кожа. Тогаш има големо преклопување на двата. Колку се пoразлични, може да укаже на проектирање на посакувана слика и карактеристики во виртуелниот идентитет, кои единката сака да ги поседува и во реалноста. Во виртуелното јас, обично се содржи и јавно пласира, сè што личноста сака другите да видат во неа. Најчесто тоа што не ни се допаѓа кај себе е многу умесно скриено и неприкажано. Некогаш пак, виртуелниот идентитет има функција на маска за заштита и обид за анонимност и има за цел комплетно да го скрие вистинскиот идентитет на личноста. Истиот се користи со најразлична намера и цел. Некогаш да предизвика добро некому, но некогаш за жал, штета.

Секако сите треба да внимаваме во обидот за приказ на „совршеноста’’, да не ја изгубиме автентичноста. За мене, од секогаш таа била еден од најпривлечните делови во луѓето.

3.Во каква психолошка насока ќе нè однесе сè поголемата присутност на социјалните мрежи во нашите секојдневија?

Социјалните мрежи имаат голем број корисни намени и позитивности. Но, како и за сè, постои и друга страна од паричката. Во повеќекратниот обид за креирање на совршеното селфи, често се пропушта комплетното уживање во мигот. Преголемата употреба и време минато на истите, носи ризик за преголемо оддалечување од реалитетот, од животната прагматичност, од задоволството при комплетно користење на сетилата, од семејството, природата, уживањето и присуството во мигот. Виртуелните цвеќиња го немаат опојниот мирис како вистинските од реалноста. Најзагрижувачки од сè, ми е помислата дека ќе нè оддалечи од вистинскиот директен, човечки контакт еден со друг. Тоа не смееме да го дозволиме.

4.Нашата претстава “Иднината е приватна” ги разработува овие прашања. Зошто мислиш дека треба да се поддржуваат вакви проекти?

Поради обработката на вакви и слични прашања кои се однесуваат на сите нас. Театарот на креативен и прифатлив начин, поттикнува на нови перспективи, го стимулира индивидуалното и колективното размислување, може да предизвикува промена и подигнување на свесноста. Тој, како и другите форми на  уметноста, се многу важни за човекот и општеството од многу аспекти. Ваквите независни проекти се пример за храброст, иницијативност, критичка мисла, движење, заедништво. Сè што е во прилог на љубителите на културата апсолутно треба да се поддржи.

Фотографија: Марија Величкова

  • Повеќе информации за како да ја поддржите продукцијата на претставата „Иднината е приватна“ може да најдете овде.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

%d bloggers like this: