ТАМАРА ЌУПЕВА: Секојдневно користење на технологијата го исклучува природниот дијалог

Сигурно секој би посакал да има наставник како Тамара Ќупева, нашата соговорничка за денешното интервју, со која разговаравме за инкорпорирањето на технологијата во наставата и силните/слабите страни на овој процес. Нејзината споредба на поранешните со новите генерации на средношколци, кои сè повеќе функционираат во сајбер-просторот, открива дел од состојбите во кои се наоѓаат, како и предизвиците со кои се среќаваат современите наставници.

Како влијаат социјалните мрежи на изразувањето на денешните ученици и на кој начин да се поттикне нивната љубопитност во време на хиперпродукција на информации, се дел од прашањата кои ѝ ги поставивме.

Ќупева, инаку, е долгогодишен истражувач од областа на образованието и комуникациите, професорка, доктор на филолошки науки од 2010. година, авторка на десетици стручни трудови и книги. Ни беше чест да разговараме со неа.

1.Колку може да помогне/одмогне користењето на новите технологии во наставата?

Развојот на технологијата го промени начинот на живот и секако, воспостави  и поинаков начин на комуникација со децата. Како никогаш досега, училиштето ја доживува најголемата трансформација. Современите трендови на учење бараат користење поголема визуелизација, мултимедијалност  и  технолошки алатки  за реализација на процесот.

Технологијата во наставата помага во трансферот на содржините,  во процесот на  илустрирање на темите од наставната програма (вообичано актуелни приказни, настани, видеостории, филмови и сл. ). Таа е главна алатка на учениците за креирање видеа, анимации, фото – приказни  и други форми за изразување на нивниот „агол“ на гледање на темите што се предмет на анализа.
Но, нејзиното секојдневно користење ја намалува непосредноста на меѓучовечката интеракција, бидејќи го исклучува природниот дијалог. Наставата не може да се замисли со исклучување на  овој најнеопходен и најавтентичен  модел на комуникација со учениците.

Вербалниот дијлог, телесната лингвистика сепак се најмоќни елементи за поттикнување емоционално доживување на содржините. Пристапот, начинот на комуникација што вклучува соодветни „артистички“ елементи, како: интонација, паузи во зборувањето, варијации во говорот, вметнување анегдоти, кратки дигресии и сл. –  се најсилна техника за вклучување на децата во интеракција. Вака поставениот однос меѓу наставникот и ученикот, сепак се покажува како најуспешен модел за постигнување отворена комуникација.

2.Се разликуваат ли генерациите на ученици кои не користеле социјални мрежи и таков вид на комуникација, од генерациите денес? Како влијае тоа на начините на изразување, размислување и воопшто, на интерперсоналноста?

Последните години се чувствува промена во начинот на изразување на учениците.   Нивниот говор  е проследен со „празнини“ во изразот, концизност, проста лексика, недостаток на украсен говор. Тие користат едноставен јазик, што е производ на контекстот на комуникација на социјалните мрежи.  

Но, интересно е што по однос на минатите генерации, современите генерации имаат поотворени гледишта, покажуваат повеќе свесност за постоење на различности, немаат предрасуди, имаат повисока свест за слободата (често ја врзуваат со слобода и во однесувањето, па тоа создава проблем) и се глобални граѓани. Немаат силна врска со традицијата, националниот фолклор и посебно, традиционалните семејни улоги и модели.

Колективитетот како чувство на припадност, што беше препознатлив за минатите генерации, сега  е заменет со крајна индивидуалност, лабилни интерперсонални врски и непостојаност во  одредување свое место во заедницата.

3.Во време во кое сите информации ни се достапни, како да се поттикнува љубопитноста кај средношколците?

Во хиперпродукција на интернет – содржини и информации, навистина е тешко да се најде патот до средношколците и да се поттикне нивната љубопитност. Современиот наставник треба да применува широки познавања за темите, што значи и следење трендови и новини што се појавуваат во пошироката научна и медиумска сфера за тие прашања.

Интересот кај учениците се постигнува само со контекстуализација на наставната содржина, со аналогии со актуелни настани и примери што се блиски до нивната реалност. Тоа секогаш треба да бидат теми и ликови што се дел и од нивната култура. Тогаш кога ќе почувствуваат дека и вие  сте дел од неа – тие се „во ваши раце“.

Сепак, треба да се напомене дека улогата на наставникот станува сѐ потешка.  За да се придобијат учениците на модерното време, потребно е многу знаење, трпеливост, будно следење на новите културни трендови, модели и јазични варијации на нивната комуникација. Последните години, тоа навистина станува сериозен притисок и предизвик за секој наставник.

4.Нашата претстава „Иднината е приватна“ ги разработува овие прашања во својот процес. Зошто е важно да се поддржи еден ваков проект?

Овој проект, вака поставен ќе отвори многу актуелни прашања, не само за современата комуникација туку и за современата егзистенција. Овие две компоненти опфаќаат теми како што се:  јазик,  нови жанрови, идентитет, култура, трансформација на општеството, уметноста и уште многу други аспекти на животот на модерниот човек.

Социјалните мрежи се главен генератор на модели на однесување и креирање ставови речиси кон сите прашања. Тие (посебно кај средношколците) станаа примарна зона на себепретставување. Културата на таа заедница, наместо оригиналност и автентичност во процесот на растење,  им наметнува суптилни  модели  кои го уредуваат/ контролираат нивното созревање.

Иднината е сѐ понеизвесна. Приватноста или приватното на современиот човек сѐ повеќе се претопува во општествено прифатливо, јавно „јас“. За жал, тоа првенствено треба да ја задоволи заедницата, па дури потоа внатрешната, интимна страна на поединецот.
Тоа подвојување на овие два аспекти го оформува  идентитетот на современиот човек.

  • Повеќе информации за како да ја поддржите продукцијата на претставата „Иднината е приватна“ може да најдете овде.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

%d bloggers like this: