ГОРАН КОСТОВСКИ – ИНД ОГ: Ќе дојдат нови, визуелно пописмени таленти од нас

Горан КостовскиИнд Ог за себе ќе рече дека е „фриленс дизајнер во потрага на возбудливи медиуми за работа“. Горан е личност која не можете да не ја забележите, како по неговиот препознатлив дизајн и бренд “Celebrate life”, така и по лелеавата слобода и доза на уживање кои ги има при споделувањето на она што го работи, мисли и за кое се залага.
Особено ни е драго што Горан даде отворена поддршка за нашиот прв проект со продажбата на два дуксери од колекцијата “Pesonal growth” од неговиот бренд, а истата е сè уште во тек и можете да ја најдете тука. Со купување на еден од дуксерите, Горан ги донира средствата за претставата „Иднината е приватна“, неизмерно му благодариме за тоа!
Истовремено, ја имаме честа да го најавиме иницирањето на неговиот подкаст, со кој можете да го поминувате вашето слободно време во овие развлечени денови. Со задоволство го споделуваме со вас овде, но, најпрвин, прочитајте го нашиот разговор со него.

 
1. Размислувајќи за иднината, која е улогата на дизајнот (не само графички) во развојот на општеството од културолошки аспект?

Во моментов како дизајнер размислувам/работам и се стремам кон тоа јас/ние луѓето да станеме подобри и да се развиваме во насока на подобри општества! Дизајнот го гледам во улога на решавач на проблеми, забавувач или пак, дизајн кој треба да ги предизвика претпоставките и да ги редефинира проблемите преку пристап базиран на решение и будење на одредени емоции. 🙂 Знаете, денешното човештво е насочено само кон себичност и грабање што е можно повеќе само за себе затоа и мојот предизвик е да работам некаков дизајн за колективно и општествено добро.

2. Анализирајќи ја тековната состојба, кои се твоите ставови за македонската сцена за графички дизајн?

Многу ми е криво што ќе го кажам ова меѓутоа, сцена не постои, има искри на некои нови таленти и тоа влева надеж дека еден ден, навистина, ќе дојдат подобри и визуелно пописмени таленти од нас претходните. Јас сè уште верувам во дизајнот и не се откажувам после 20 години работа. Малку е тажно што оваа професија почна да се третира ко небаре, секој може да ја работи. Денешното време му дозволува секому да проба меѓутоа, има некои правила коишто не смеат да се прекршуваат. Сè додека луѓето не разберат дека дизајнот е работа што треба да ја платат, дека некој потрошил време и ум да го направи – нема да има промена. Програми за поддршка и развој во догледна иднина ќе помогнат, за да можеме да разговараме за локален дизајн.

3. Со твојот бренд „Celebrate Life“ и ангажманите како графички дизајнер веќе неколку години работиш „freelance“. Што значи да се работи независно во Македонија и каде ја гледаш иднината на својата професија?

„Celebrate life“ се роди како личен крик, како реакција на едно грозно време во коешто живеевме и остави сериозни, лични и колективни трауми. Логично беше во агонија да почнам да творам за позитивните страни на животот, во време во кое среќата е многу ретка, а луѓето тотално забораваат што значи животот и колку е тој вреден, еве веќе деветта година сè уште таа тема ме инспирира, работам на неа и се надевам дека ќе остане моја инспирација. Да се вратам на прашањето… 🙂 Јас почнав да работам како фриленсер бидејќи немав баш и некој избор за вработување: каде и да одев на интервју или бев преквалификуван или “многу сум се занесувал за својата цена”, па логичен прогрес беше или да менувам професија или пак, да почнам да работам за себе. Фриленсерството не беше лесно, морам да признам и сè уште не е, бидејќи после шест години можам да кажам дека конечно можам да зборувам за бенефитите од истото. Првата година беше паралелен свет, па, чекај, јас работам или сега ова е моментално? Па, од каде клиенти, па како ќе преживеам и многу прашања коишто уште си ги немам одговорено. Но, едно е сигурно без работно време: слободата и одговорноста се сериозни работи и многу е битно човек да созрева со сето тоа, работејќи без работно време, зашто лесно може да те голтне лагодноста и несериозноста. Не е лесно, морам да признам, бара навистина „давање жртва“ што би се рекло. Би се вратил на работа со регуларно работно време можеби, бидејќи ми фали понекогаш канцеларија и повеќе луѓе… Пред да работам како фриленсер имав сериозен burnout и многу бев загрижен за своето здравје. Фриленсерството ми помогна да го засакам дизајнот уште повеќе од што претходно го сакав и имав желба да го работам. Немам многу проекти ама тие малку што ги имам толку многу имам време да им се посветам и да ги сработам, баш онака како што јас сакам. Им благодарам на сите оние луѓе коишто ме оставаат и веруваат во мојата креативна слобода и мисла! ❤ ❤ ❤

4. Со „Пресврт“ се стремиме кон самоодржливост на независната театарска продукција. Што значи поддршката на вакви проекти и која е улогата на заедницата?

Во општества кадешто царуваат и имаат можност да работат проекти само привилегирани и партиски миленици, колективното свесно добро и поддршка и те како е пресудна за да нешто успее и живее! Независната сцена е нешто што многу малку опстанува кај нас и многу брзо исчезнува, баш поради немањето поддршка и финансии, секако. За да имаме комплетен производ потребни ни се љубителите на културата. Мачно е и тешко да се работи тоа што се сака, меѓутоа јас немаше ни да го работам доколку ја немав таа мала поддршка од луѓето на кои им значи сето тоа што го правам. Мојата публика е најпрекрасна на свет и веројатно привилегијата е моја, пресреќен сум што моите дела и те како знае да ги живее и доживее. Ви посакувам успешни проекти и иднина!

Фотографија: Мите Кузевски

  • Повеќе информации за како да ја поддржите продукцијата на претставата „Иднината е приватна“ може да најдете овде.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

%d bloggers like this: