КЛИМЕНТИНА ИЛИЈЕВСКИ: Човекот се одделува од човекот, станува егоцентричен

Соговорничка која секој би посакал да ја има е нашиот следен човек, Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, но и главна и одговорна уредничка на уличното списание „Лице в лице“. Со оглед на моменталната здравствена ситуација на глобално ниво, ќе уживате во времето додека читате за тоа како би изгледало социјално-инклузивното општество од иднината.
Тенденцијата на сè поголемото одделување на човек од човек, за кое зборува и Климентина, може да се смени ако знаеме зошто го правиме тоа што го правиме. Да го искористиме времето што го имаме дома и поттикнати од ова интервју да размислиме каква иднина сакаме.

1.Како изгледа социјално-инклузивно општество од иднината?

Тоа е општество во кое што нема гладни, заборавени, граѓани фрлени на маргините, во кое што е почитуван и вреднуван секој поединец, општество во кое што жените имаат еднакви права во сите сегменти од општественото живеење – не само на хартија, во кое што пристапноста е втемелена во секојдневното функционирање и им овозможува непречено живеење на лицата со пречки во развојот, во кое што квалитетна здравствена заштита е овозможена за секого, а образованието создава индивидуалци со втемелени вредности за одржлив развој. Тоа е општество со еднакви можности за сите и со силно развиена социјална економија, со силни социјални претпријатија водени од мудри лидери чија главна цел е општествено влијание наместо максимизација на профитот и чија добивка првенствено се насочува кон остварување општествени цели. Колку поголеми и побројни социјални претпријатија имаме кои што се управуваат на отворен и одговорен начин, толку поблиску сме до посакуваното општество од иднината.

2.Можно ли е социјалното претпријатие да премине во традиционален бизнис и во кој случај?

Обратно. Би сакала да имаме иднина во која што се повеќе традиционални бизниси ќе стануваат социјални бизниси или бизниси во кои што одржливоста (грижата за профитот е иста како и грижата за планетата и за човекот) ќе е вградена во нивните корпоративни стратегии.
Глобалните предизвици со кои се соочуваме, особено кога станува збор за климатските промени и ефектите од нив, загадените вода, воздух и почва, растечките нееднаквости, сиромаштијата и борбата со гладот бараат развој на нови пристапи, развој на мултисекторски партнерства, а со тоа дефинираат и целосно нова улога на бизнисот. Целта на бизнисот не е повеќе да го максимизира профитот. Бизнисите од иднината ќе бидат со силни општествени мисии, а во својата основа ќе имаат решавање на општествени предизвици и ќе делуваат во насока на оставрување на Глобалните цели за одржлив развој. 
Во последната декада, во ЕУ и на глобално ниво, идентификуван е рапиден пораст на социјални претпријатија. Денес, социјалната економија во ЕУ обезбедува повеќе од  13.6 милиони платени работни места, вклучува над 82.8 милиони волонтери и 232 милиони членови кои учествуваат во донесувањето на одлуките.

3.Од аспект на научните социолошки методологии, колку е важно да знаеме зошто го правиме тоа што го правиме?

Начинот на кој функционира капитализмот во последните двесте години е прилично јасен и ако се загледаме подлабоко – застрашувачки. Тој ресурсите што постојат на Планетата, што Земјата ги создала, ги прогласува за сопствени. Потоа во равенката го вклучува човекот, поточно човековиот труд и така креира дополнителна вредност. Стапицата во која што човекот на овој начин се нашол ги креирала нееднаквостите меѓу луѓето и еколошките проблеми што денес толку нагласено ги сведочиме. Во овој круг, осум билионери го поседуваат богатството на половина од човештвото. Човекот во трката што капитализмот му ја наметнува, трката по подобро образование за да се вработи на подобра позиција, па по добра работна позиција, па по подобра плата за да може да ги отплаќа кредитите, се губи себеси. Станува исплашен, станува амбициозен до нивоа во кои другиот човек му станува непријател, или бар, конкуренција. Вака човекот се одделува од човекот, станува егоцентричен. Притоа, бидејќи целата светска економија функционира на ист начин, освен отуѓувањето на човек од човека, се случува и отуѓување на човекот од природата, но и од самиот себе. Таа спиритуална дисконекција придонесува кон еден застрашувачки факт дека на секои 40 секунди, еден човек си го одзема животот.
Сите овие отуѓувања нè оддалечуваат од суштината на нашето постоење. Што е тоа што сакаме да го видиме во последните секунди од животот кога ќе се завртиме наназад и ќе го погледнеме тоа што сме го оставиле зад себе? Сте го пробале ова? Премотување до крајот на сопствениот живот, застанување и вртење наназад. Што е тоа што сакате да го видите? Одговорот што ќе го добиете ви ја дава перспективата за тоа што сакате од животот.

4. Што значи да се поддржи тоа што го прави Пресврт?

Да се поддржи „Пресврт“ значи да се поддржи слободна мисла, да се поддржи жарот на ентузијасти кои што сакаат да направат промена и кои одлучиле дека нивното творештво не треба да зависи исклучиво од јавни фондови. „Пресврт“ го гледам како социјално претпријатие, одржлив креативен бизнис движен од својата мисија. Социјалните претпријатија со своето делување придонесуваат кон решавање на општествените предизвици, движат промени. А уметноста и театарот пак, отсекогаш биле двигатели на промени. Со нивната применливост во животот на индивидуата, различните интересни групи (млади, возрасни и стари лица, работни колективи, ранливи лица) социјалната улога станува им уште порелевантна и со трансформирачки ефекти врз корисниците.  Театарот како уметност пак, во кој дијалогот и односите меѓу актерите (линиите на комуникација кои ги исцртуваат преку говорот на јазикот и преку говорот на телото), може сите да не научи вредни лекции и да ни понуди алатки за полесно справување во секојдневните релации, предизвици, ситуации. Сето ова обединето, донесено од „Пресврт“ верувам дека може да донесе пријатен ветер на промени.

Фотографија: Томислав Георгиевски

  • Повеќе информации за како да ја поддржите продукцијата на претставата „Иднината е приватна“ може да најдете овде.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

%d bloggers like this: