ЈАСМИНА ВАСИЛЕВА: Нашата едноставна улога во оваа криза – да им даваме на луѓето надеж

За првото мини-интервју, Пресврт разговараше со свој, театарски човек, актерката Јасмина Василева. Разговаравме за иднината на актерската професија, за сегашните, но и за посакуваните состојби во македонската театарска институционална и независна продукција, дури добивме и суптилна препорака за гледање серија во слободното време, имајќи ја предвид актуелната здравствена ситуација.

1. Какви се твоите размислувања за иднината на сопствената професија?

Сакам да верувам дека нашата професија треба да руши граници, ментални и географски; да верувам во постојано излегување на отворено, надвор од комфорната зона. Истовремено, не се залажувам дека „само гладен уметник е добар уметник“ и сакам систем во кој пристојно ќе можеме да живееме од нашата професија. Иронично е што ова го пишувам додека слушам вести за затворање на државните граници на неодредено време, со денови изолирана во својот дом. Сведоци сме како, поради неизвесноста на оваа светска здравствена криза, сите културни настани се одложуваат, а професионалците од сферата на изведбените уметности ги користат социјалните медиуми за да се реорганизираат.

Од примерот со големите традиционални културни институции како Берлинската Филхармонија и Виенската државна опера, кои ја тргнаа претплатата и дозволија неограничен пристап за сите на своите онлајн сервиси т.н. Дигитална концертна сала, па сè до групата на италијански актери кои ја започнаа иницијатива „Приказни по телефон“, која функционира преку телефон и апликацијата WhatsApp. Корисниците можат да закажат термин во кој актерите, телефонски, би ги забавувале децата кои се затворени дома, со раскажување на приказни од истоимената книга на Џани Родари. Неизвесниот излез од оваа криза не ми дава за право да имам некое непроменливо мислење за тоа во кој правец би се движела нашата професија во иднина. Но, не се плашам дека новите технологии ќе го задушат театарот. Можеби ќе го изменат, но секогаш ќе постои потребата од искуствата лице-во-лице, наспроти зависноста од виртуелните искуства. Театарските уметници го ставаат нивното „живо постоење“ на располагање на публиката и токму тоа, автентичноста на моментот, е она што го надминува искуството на киното, телевизијата и виртуелното, воопшто.

Во денови кога не излегувам од дома, не одам на работа и се чувствувам прилично бескорисна во оваа општествена криза, се потсетувам на ликот на Раскажувачката од една одлична британска телевизиска серија „Години и години“(Years and Years, 2019, HBO), која го прикажува животот во блиска иднина во една дистописка атмосфера. Нејзината улога е на мали групи на луѓе, во кризни подрачја, да им раскажува приказни и со тоа да им го прави животот поподнослив. Можеби тоа ќе биде нашата едноставна улога во оваа криза: да им даваме на луѓето надеж.

2. Според тебе, во каква насока се движи иднината на македонскиот театар?

Македонскиот театар се движи еден чекор напред, два назад. Со повремени проблесоци, кои често се случајни, и повторно брзо затворање во некои познати рамки. Ова важи и за државните традиционални театри и за независните театарски групи.

Македонскиот театар речиси и да не се занимава со градење на публика и тоа не мислам во квантитативно градење на публиката, само бркање на некаква бројка, туку и квалитативно, со долгорочно, насочено осмислувње на театарски програми и содржини. 

Традиционалниот театар, во суштина, не се карактеризира со изразена променливост и адаптибилност, ги следи промените во општеството, но не отстапува лесно од својата форма. Често делува носталгично по „старите времиња“ и неговите заговарачи постојано се водат од идејата дека „сакаат да го вратат стариот сјај“. Ваквиот театар секогаш ќе има публика затоа што манипулира со потребата на луѓето да ги конзервираат нештата.

Но, од друга страна, за среќа, секогаш постоеле и ќе постојат уметници љубопитни за поинтерактивни, поинтимни начини на раскажување на приказните кои произлегуваат од заедницата. Тие, пак, својата публика ја градат преку интерактивните форми на имерсивниот, просторно-специфичен театар, надвор од познатите форми на класичниот (кино во живо) театар, повеќе во поинклузивното поле на перформансот и токму тоа треба да научиме сè повеќе да го препознаваме и да го негуваме.

3. Што може да направи младата генерација на актери, режисери, продуценти, драмски автори за да придонесе кон развојот на театарската уметност?

Се разбира, да внимава на своето здравје 🙂 , будно да ги следи општествените случувања, да остане љубопитна, актуелна, да се едуцира, да се надоградува, да не се задоволува лесно, секогаш, секогаш да бара повеќе и поинаку.

4. Треба ли да се поддржи Пресврт и зошто?

Пресврт треба да се поддржи без трошка двоумење, затоа што треба да направиме сè за ваквите иницијативи да не останат само повремени, случајни проблесоци. На сите ни е потребна силна независна сцена. За почеток, најмалку што можеме да направиме е да не бараме гратиси и да си ги купуваме билетите.

Фотографија: Наташа Вчкова

*Повеќе информации за како да ја поддржите продукцијата на претставата „Иднината е приватна“ може да најдете овде.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

%d bloggers like this: