Статут

Врз основа на член 18 од Законот за здруженија и фондации 2010 (,,Сл.весник на
РМ” бр.52/2010) и одлуката за основање на Здружението за афирмација на
тетарската уметност ПРЕСВРТ Скопје на oсновачкото собрание на здружението,
на седницата одржана на ден 23.10.2019 година го донесе следниов:

С Т А Т У Т
на Здружение за афирмација на театарската уметност ПРЕСВРТ Скопје

Општи одредби
Член 1

Здружението за афирмација на театарската уметност ПРЕСВРТ Скопје е доброволно, непрофитно, невладино, непартиско здружение на граѓани, формирано со слободно здружување на граѓаните заради остварување и заштита на слободно уметничко творештво, развој и промоција на вонинституционалната театарска продукција и едукација на младите театарџии.

Член 2

Називот на здружението на граѓани е: Здружение за афирмација на театарската уметност ПРЕСВРТ Скопје (во натамошниот текст само: Здружението).

Член 3

Здружението своите цели, задачи и дејности ќе ги остварува во согласност со односите уредени со Уставот на Република Северна Македонија, овој Статут како и со други законски норми кои ја регулираат материјата од оваа област. Здружението во своето дејствување може да се проширува на национално ниво и може да соработува со организации, здруженија, фондации и институции, и да членува во асоцијации во земјата и странство согласно Уставот и Законот на РСМ и овој Статут.

Член 4

Седиштето на здружението се наоѓа на ул. Букурешка 2д-2, 1000 Скопје, Република Северна Македонија.
Здружението се организира и делува на цела територија на Република Северна Македонија.

Член 5

Здружението е правно лице.
Здружението има свој печат и штембил.
Печатот е тркалезен и го содржи името на здружението: Здружение за афирмација на театарската уметност ПРЕСВРТ и неговото лого.
Штембилот на Здружението е правоаголен и на него е испишан следниов текст:
ПРЕСВРТ
Број __ ___ / година
Скопје

Член 6

Здружението може да основа друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва за остварување на своите цели, интереси и активности за финансирање на функциите, утврдени со Статутот.

Членство
Член 7

Зачленувањето во Здружението се врши со пристапница.
Здружението за своите членови води регистар на членството, кој што се ажурира еднаш годишно. Здружението ја гарантира анонимноста на личните податоци на членовите, согласно прописите за заштита на личните податоци и класифицирани информации.

Член 8

Член во Здружението може да биде секој граѓанин – државјанин на Република Северна Македонија без оглед на пол, род, возраст, етничка припадност, раса, сексуална ориентација, политички, религиозни и други уверувања или здравствена состојба, кој доброволно ќе пристапи кон Здружението.

Член 9
Права и должности на членот Здружението се:

  • да избира и да биде биран во органите на здружението;
  • да учествува во работата на Здружението и да придонесува во развојот и
    популарноста на Здружението
  • да предлага решавање на прашања од заеднички интерес;
  • да работи на развивање и уредување на општествените и другите активности кои
    произлегуваат од Статутот, програмските цели и од усвоените одлуки и заклучоци;
  • да ги застапува интересите и ставовите на Здружението;
  • да бара стручна и друга помош од областа на материјата;
  • редовно да ја плаќа членарината, чиј износ го утврдува Управниот одбор;
  • да присуствува на состаноците; и
  • да ги спроведува во целост одредбите од Статутот и Програмата на Здружението.

Член 10
Членството во Здружението може да престане:

  • по барање на членот на Здружението;
  • ако не го почитува Статутот и обврските кои произлегуваат од него;
  • ако дејствува против целите на Здружението;
  • ако не ја плаќа редовно чланарината;
    Одлука за престанок на членството во Здружението донесува Управниот Одбор на Здружението.

Цели и задачи на Здружението
Член 11

Граѓаните се здружени во Здружението заради остварување на поширок заеднички интерес. Цели и задачи на Здружението се:

  • развој на вонинституционална театарска продукција;
  • промоција и афирмација на театарската уметност и култура кај сите
    граѓани, од сите општествени групи и заедници;
  • овозможување пристап до средства за театарска дејност на млади автори и
    изведувачи;
  • развивање на платформа за театарска едукација и доедукација;
  • учество во културно – забавни, уметнички и едукативни активности во и
    надвор од државата;
  • учество во општествени иницијативи и кампањи во доменот на културата на
    ниво на целата држава и
  • членување во меѓународни асоцијации и мрежи за изведбени уметности.

Член 12
Здружението своите цели ги остварува преку:

  • продукција на театарски претстави и перформанси;
  • организација и реализација на обуки, работилници, дискусии и други
    облици на јавни активности во интерес на граѓаните на ниво на целата држава;
  • организирање, изработка и спроведување на проекти, активности и
    кампањи за развој и афирмација на театарската уметност.
  • подготовка, изработка, издавање и промоција на печатени и електронски
    публикации;
  • обезбедување на финансиски средства за остварување на целите на
    Здружението;
  • соработка и размена на знаења со образовни институции, институции од
    областа на културата и уметноста, здруженија на граѓани и останати физички и
    правни лица за организирање, промоција и спроведување на заеднички проекти
    од јавен интерес.

Финансирање на здружението
Член 13

Здружението остварува средства од:

  • членарина;
  • донации и грантови;
  • надоместоци од извршени услуги за други организации;
  • средства од Буџетот на Републиката, буџетите на единиците на локалната
    самоуправа и Буџетот на Град Скопје;
  • спонзорства од трговски друштва; и
  • други услуги.

Член 14

Користењето и располагањето со средствата на Здружението добиени по основите од член 13 се врши на начин утврден со овој Статут и останатите законски норми.

Член 15

За користењето и располагањето со средствата одлучуваат органите на Здружението, согласно надлежностите утврдени со овој Статут, кои преземаат мерки за економско целесообразно користење на средствата и за спречување и отстранување на незаконитостите.

Член 16

Здружението донесува годишен финансиски план за приходите и расходите на Здружението. Финансискиот план ги содржи приходите кои се стекнуваат по член 13 од Статутот, како и расходите за планираните активности, за заедничка потрошувачка на членовите, материјалните трошоци за работата на Здружението и други расходи сврзани со работата.

Органи на здружението
Член 17

Органи на Здружението се:

  1. Собрание
  2. Претседател
  3. Управен одбор

Собрание на здружението
Член 18

Собранието е највисок орган на Здружението. Собранието на Здружението го сочинуваат сите полнолетни членови на Здружението.
Собранието избира Претседател со мандат од 2 години со неограничено право на повторен избор. Претседателот го застапува и претставува Здружението.
Собранието се состанува по потреба, а најмалку еднаш годишно.

Член 19

Седници на Собрание свикува Претседателот на Собранието по сопствена иницијатива.
Седници на Собранието се свикува и по предлог на Управниот одбор на Здружението или на 3/5 од вкупниот број членови на Собранието. Ако претседателот на Собранието во рок од 14 дена од денот на дадениот предлог не свика седница, седницата ја свикува Управниот одбор или иницијаторите.
Начинот на свикување на седниците на Собранието на Здружението се определува со Деловникот за работа на Собранието.

Член 20

Собранието може полноправно да одлучува ако се присутни повеќе од една половина од вкупниот број членови.
Собранието по правило одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови.
На собранието се одлучува со јавно гласање, но по потреба и на предлог од 1/3 од членовите гласањето може да биде и тајно.
Членовите на Собранието во секое време треба да ги имаат целите и интересите на Здружението над поединечните или посебните цели на која и да е друга страна.

Член 21

Собранието ги врши следните работи:

  • Донесува Статут на Здружението и врши измени и дополнувања на истиот;
  • Усвојува годишен извештај, насоки и план за работа;
  • Усвојува завршна сметка и финансиски план;
  • Одлучува за промена на целта на здружувањето;
  • Одлучува за основање и укинување на ограноци и други облици на организирање на здружението;
  • Констатира прием на нови членови и престанок на членувањето;
  • Избира Претседател на Здружението;
  • Донесува програма за работа на Здружението;
  • Избира и разрешува членови на Управниот одбор;
  • Го разгледува и усвојува извештајот за работа на Управниот одбор помеѓу две собранија;
  • Ја следи материјално финансиската состојба на Здружението помеѓу две собранија;
  • Расправа за постигнатите резултати од развојот на Здружението и дава насоки за натамошен развој на Здружението;
  • Донесува одлуки, заклучоци, препораки за решавање на прашања од интерес на Здружението;
  • Одлучува за престанок на здружението со двотретинско мнозинство; и
  • Врши и други работи кои произлегуваат од Статутот и законите.

Управен одбор
Член 22

Управен Одбор на здружението е извршен орган на Собранието во кој секој член има еднакви права, обврски и одговорности за работењето и развој на здружението во согласност на Статутот.
Член на Управниот одбор се изема од гласање за прашања поврзани со него, со неговиот брачен другар или роднина до втор степен и за прашања кои се однесуваат на некое лице врз кое тој има контрола или економски интерес .

Член 23

Управниот одбор (во понатамошниот текст само УО) на Здружението брои пет члена.
Мандатот на членовите на УО трае 2 години.
УО од своите редови избира Претседател на Управниот одбор со мандат од 2 години со можност да биде повторно избран.
Членови на УО се избираат од редот на членовите на Здружението или надворешни лица.
За член на УО не може да биде избран Претседателот на здружението, кој се поканува на седниците на УО, со право да дава предлози и да учествува во дискусиите по точките на дневен ред, но без право на глас.
УО за својата работа е одговорен пред Собранието на Здружението.

Член 24

Претседателот на УО ги свикува седниците на УО, предлага дневен ред и ги раководи седниците.
Во случај на отсутност на претседателот на УО на седницата го заменува еден од членовите на УО по предлог на претседателот.
Претседателот е должен да свика седница на УО најмалку четири пати годишно, а по потреба повеќе пати по барање на повеќе од 1/2 од членовите на УО.
Седниците се свикуваат најмалку 1 (една) седмица пред нивното одржување, освен во итни ситуации. Во ситуација кога УО не може да се состане за кратко време, а потребно е во рок од 3 (три) дена да разгледа прашање и да донесе одлука по истото, УО одржува седници и носи одлуки по електронски пат. УО носи одлуки со мнозинство од присутните членови, освен ако со статутот на здружението не е предвидено поинаку.
За секоја одржана седница на УО задолжително се води записник, кој се објавува и дистрибуира до членовите на Здружението по електронски пат откако ќе биде усвоен, како и во Годишниот извештај за работата на УО.

Член 25

УО ги врши следниве работи:

  • распишува конкурс за Претседател на здружението;
  • ги спроведува статутарните и програмските задачи на Здружението, како и одлуките и заклучоците на Собранието;
  • донесува и реализира годишна програма за работата;
  • разработува и предлага стратешки насоки на развој на организацијата;
  • разгледува, предлага и се вклучува во пишување и ја верификува одлуката при аплицирање на проектни и други ангажмани;
  • го разгледува Годишниот извештај за работата на Здружението и дава свое мислење пред да биде доставен до Собранието на усвојување;
  • предлага измени и дополнувања на Статутот;
  • усвојува одлуки и заклучоци кои се однесуваат на политиката на раководење со Здружението, а по предлог на Претседателот и програмските координатори на Здружението;
  • свикува седници на Собранието и подготвува материјали;
  • ги избира програмските координатори во консултации со Претседателот;
  • донесува одлуки за награди, пофалници и признанија;
  • донесува одлуки за набавка и отуѓување на основните средства;
  • врши избор на најдобри понуди на стоки, услуги и работи за потребите на Здружението, чија вредност е поголема од 2,000 ЕУР во денарска противвредност врз основа на 3 понуди;
  • ја следи транспарентноста и демократското функционирање на Здружението; и
  • – врши други работи.

Претседател на Здружението
Член 26

Претседателот на Здружението се избира од страна на Собранието на Здружението со мандат од 2 години со неограничено право на повторен избор.
Претседателот на здружението ги има следните надлежности:

  • Врши надзор, координација, евалуација и насочување на програмските и проектните активности на организацијата;
  • Ја води архивата на материјалите подготвени и изработени од организацијата и регистарот на членови на организацијата;
  • Раководи со човечките ресурси;
  • Врши мониторинг и евалуација на членството;
  • Учествува во подготовка на седниците на УО и Собрание на Здружението;
  • Се грижи за транспарентно известување и објавување на одлуките и активностите на Здружението;
  • Доставува годишен извештај за својата работа до Собранието;
  • Претседателот за својата работа му одговара на Собранието. Вонредно собрание за предвремено разрешување од функција на Претседателот може да се свика на предлог на УО, на барање на 2/3 од членовите на Собранието. По започнувањето на постапката за предвремено разрешување на Претседателот, УО одредува кој ќе ги врши неговите права и должности до избор на нов Претседател.

Престанок на Здружението
Член 27

Здружението престанува со работа во следниве случаи:

  • Ако за тоа се изјаснат 2/3 од членовите на Собранието на Здружението;
  • Ако бројот на членовите се намали под бројот определен со Закон за основање на Здружение ;
  • Ако настапат причини утврдени по член 63 од Законот за здруженија и
    фондации.
    Одлука за престанок на Здружението донесува Собранието со двотретинско мнозинство.
    Основачите на Здружението за афирмација на театарската уметност ПРЕСВРТ Скопје имаат право да го укинат здружението.

Член 28

Во случај на престанок на работатата на Здружението, имотот и другите права и приходи што остануваат по намирувањето на обврските, преминуваат во сопственост на организација истоветна на здружението.

Член 29

Доколку не можат да се исполнат условите утврдени во Членот 28, во случај на престанување на работата на здружението неговиот имот преминува во сопственост на Република Северна Македонија.

Преодни и завршни одредби
Член 30

Толкување на одредбите на овој Статут дава Собранието на Здружението, а помеѓу две Собранија, Управниот одбор на Здружението.

Член 31

Измени и дополнување на овој Статут се вршат по иста постапка како и за неговото донесување.

Член 32

Овој Статут влегува во сила со денот на донесувањето.

Скопје, 23.10.2019

Претседател
на Здружение за афирмација на театарската уметност ПРЕСВРТ Скопје
Петар Антевски

%d bloggers like this: