За Пресврт

ПРЕСВРТ е театарска група која се определува да дејствува во доменот нa независната, вонинституционална театарска продукција, како и во доменот на театарската едукација. Идејата за вакво здружување на неколкумина млади артисти, активни во повеќе уметнички сфери (театар, танц, фотографија, книжевност), се развиваше цела година до нејзиното конечно формирање и јавно истапување.

Претседател на ова здружение, чија основна цел е афирмирање на театарската уметност во сите нејзини форми, е Петар Антевски, студент по продукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Меѓу основачите се и Наталија Теодосиева, актерка; Ерина Богоева, фотографка; Дени Стојанов, актер и театарски едукатор и Милош Б. Андновски, театарски режисер и едукатор.

Покрај основачкото тело, Пресврт има и Управен одбор, составен од пет докажани професионалци: Кристина Леловац, актерка и доцентка по актерска игра на Факултетот за драмски уметности; Ирина Тошева, модна дизајнерка и костимографка; Бесфорт Идризи, режисер и актер; Ивица Димитријевиќ, актер и музичар и Наталија Теодосиева како претставник од основачите на здружението.

Пресврт, воедно, претставува и платформа за вмрежување на студенти и театарски уметници од независната, вонинституционална домашна и меѓународна сцена. Како театарска група, Пресврт е отворен за соработка со други индивидуи, здруженија, организации и компании, како и било кои други физички или правни лица, заинтересирани да придонесат кон развојот на вонинституционалната театарска средина. За да дознаете повеќе за начинот на поддршка, кликнете на категоријата Поддржи Пресвртџии.

Оваа веб страна претставува една од главните инфо-точки за сите активности и проекти на Пресврт, покрај фан страната на Фејсбук и профилот на Инстаграм.

Ви посакуваме добредојде и се надеваме на вашата поддршка.


Како да нè поддржиш?


%d bloggers like this: